Слога Виница ја декласираше Тиверија, Карбинци се враќа со бод од Дојран, реми на Светлост и Малеш во Зрновци

Второто коло на Третата лига – Исток донесе многу погодоци, голеада имаше во Виница, каде екипата на Слога со 8:2 ја декласираше струмичка Тиверија. Некогашниот второлигаш од Виница важи за главен фаворит во новата сезона да го освои првото место кое води во баражот за Втора лига, а штипскиот стратег Емил Грнев како во првото така и во второто коло нижи високи резултати.

Карбинци од Дојран се враќа со бод, откако успеа да остане непоразен во дуелот со екипата на Дојранско Езеро, меч кој заврши со резултат од 1:1.

Фудбалот се врати во Турново, поранешниот прволигаш Хоризонт Турново на стадионот „Кукуш“ со 2:1 славеше над Брегалница од Делчево, со што домаќинот врза втора победа во низа, а Брегалница го забележа првиот пораз.

Ударник на домашен терен доживеа нов пораз, но овој пат висок пораз од екипата на Овче Поле од Свети Николе со резултат од 1:4.

Новиот третолигашот Светлост на домашен терен го одигра првиот меч против екипата на Малеш, а исходот на теренот во Зрновци беше 1:1 и поделба на бодовите.

Следниот викенд ќе се одиграат натпреварите од 3. коло.

Александар Ванев, М-Нет