
Утре на програмата се натпреварите од 3. коло од Втората македонска фудбалска лига, а третата рунда носи неколку интересни средби и меч под рефлектори.
Борец и Охрид немаат право на грешки, Детонит Плачковица ќе се докажува против Вардарски, Осогово на тешко гостување во Гевгелија, дербито на колото во Гостивар.
Борец на домашен терен ќе се соочи со Новаци во меч каде црвениот аларм е веќе пред вклучување во Велес особено после големиот пораз во Прилеп доколку велешани не ги освојат трите бодови.
Охрид стартуваше со два порази, не тргна според очекуваното, а веќе утре под рефлектори ќе ги одмерат силите со Беласица во Струмица, каде императив ќе бидат трите бодови. Беласица тргна со пораз и реми и сака три бодови, а мотивот е повеќе од голем, прв домашен натпревар во новата сезона, 102-ри роденден, домашна публика и верните „Ајдуци“, ноќен амбициент и идеални услови за добар фудбал. Охрид во Струмица мора да остане непоразен, во секој друг случај охриѓани ќе навлезат во резултатска криза, која многу силно ќе се рефлектира врз самата атмосферата, а тоа ќе повлече и други проблеми.
Брегалница на домашен терен ќе бара три од три против Каменица Саса, фаворитската улога ја имаат „сините“, а „рударите“ во Штип ќе бараат барем бод, со оглед на тоа што за нив тоа ќе биде повеќе од тешко гостување против ланскиот прволигаш кој е голем фаворит за трите бодови.
Дербито се игра на Градскиот стадион во Гостивар каде ќе се соочат Арсими и Башкими. Трите бодови се императив и за двете екипи, Арсими тргна со две од две и ќе бара трета победа во низа, во одлична форма и победнички менталитет против Башкими кој има триумф и пораз на стартот од новата сезона.
Детонит Плачковица на домашен терен ќе игра против новиот второлигаш Вардарски, а овој меч ќе биде вистински тесен дали навистина поразот од Новаци беше само еден лош ден како што вели стратегот Иван Варадиновски во изјавата за М Нет. Вардарски освои голем бод во Автокоманда, но го загуби дербито на Југот со Кожуф, сега растеретен од било какви притисоци доаѓа барем по бод во Радовиш. Освојувањето на бодови од екипи кои имаат амбиции за висок пласман ќе бидат добредојдени на контото на Вардарски.
Скопје на домашен терен ќе атакува на прв триумф во новата сезона, откако на стартот од истата имаше две ремија против Вардарски на домашен терен и реми во Кочани со Осогово. „Пиратите“ ќе ја имаат улогата на фаворити против Вардар, а гостинот од Неготино ќе бара начин да остане барем непоразен.
Кожуф на домашен терен ќе се соочи со Осогово во меч каде домашниот тим атакува на освојување на целиот „плен“, додека пак „жетварите“ ќе се обидат да извлечат бод од за нив тешкото гостување, но и да направат изненадување за триумф.
Ланскиот прволигаш Македонија ЃП на домашен терен ќе игра со прилепска Победа, во меч каде „лавовите“ сакаат три бодови, а прилепчани максимално мотивирани по големата победа над Борец во Ѓорче доаѓаат по бодови, на теренот на кој го изборија опстанокот преку бараж во Втората лига.
Натпреварите ќе стартуваат во 16 часот, а мечот меѓу Беласица и Охрид во 20 часот.
Александар Ванев, М-Нет