
Македонскиот футсал шампион Форца направи голем историски успех откако во решавачкиот натпревар со 8:2 го декласираше Титоград од Црна Гора, со што Форца заврши на првото место во групата А и обезбеди место во елиминациската фаза во Лигата на шампионите во футсал.
Мечот меѓу Форца и Титоград беше решевашки кој да биде прв во групата, а Форца повеќе од убедливо го декласираше противникот од Црна Гора.
Исмаили погоди за 1:0, а потоа Делиќ си постигна автогол со што Форца имаше 2:0. Со гол на Дандан македонскиот шампион дојде до 3:0. Во вториот дел Николиќ постигна гол за 3:1, а потоа Петровиќ зголеми на 4:1. Исмаили со втор гол зголеми на 5:1, а пак Дандан за 6:1. Аджиќ погоди и намали на 6:2, а потоа Исмаили со трет гол зголеми на 7:2. Конечните 8:2 ги постави Бери.
Форца со максимални 9 бодови заврши на првото место во групата А, а пак втор беше Титоград со 6 бодови. Блу Меџик освои три бодови и заврши на третото место, а на дното Ренџерс без бодови.
Александар Ванев, М-Нет