Македонскиот футсал шампион Форца со триумф ги започна квалификациите во Лигата на шампиони!

ФОТО: Телевизија М Нет

Футсал шампионот на Македонија екипата на Форца со триумф од 4:2 над Блу Меџик од Ирска ги започна претквалификациите во Лигата на шампионите.

Тимот од Ирска прв дојде до водство на натпреварот кој се одигра во малата сала на Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје откако стрелаше Лукас за 1:0, а Исмаили погоди за 1:1. Салданха одново го врати водството на Блу Меџик на 2:1, а потоа Дандан со два гола обезбеди пресврт и предност за Форца од 2:3. Во финишот на мечот Петровиќ постигна гол за конечни 2:4 и триумф за Форца.

Со резултат од 4:2 триумф обезбеди и екипата на Титоград од Црна Гора над Ренџерс, а тоа значи дека на табелата во групата А екипите на Титоград од Црна Гора и Форца од Македонија имаат по три бодови, додека пак Блу Меџик од Ирска и Ренџерс од Андора немаат бодови и на следните два натпревари ќе ги бараат првите бодови.

Во рамки на второто коло од групата А екипата на Титоград ќе игра со Блу Меџик, а пак Форца ќе игра со Ренџерс, додека пак во последното коло екипата на Форца ќе игра со Титоград, а пак Блу Меџик со Ренџерс.

Александар Ванев, М-Нет