
Продолжува успешната соработка на прволигашот Гостивар и на третолигашот Слога Виница, откако младиот Асан Рифадов направи трансфер и беше претставен како ново засилување во редовите на Гостивар.
20-годишниот Рифадов заедно со уште четири фудбалери од Слога Виница беше на петдневни подготовки со Гостивар, а по завршувањето на истите, прволигашот пројави интерес за младиот талентиран фудбалер и истиот го врза со договор со што Гостивар мисли на својата иднина ангажирајќи млади и талентирани фудбалери.
Од Слога Виница има уште неколку млади играчи кои се на радарот на прволигашот Гостивар и кои може да заминат во повисок ранг на натпреварување.
Шефот на стручниот штаб на Слога Виница, Крсте Крстев му претставува чест што млад играч од неговиот тим заминува во клуб од Прва лига и кој потпишува професионален договор.
Слога Виница во новата сезона во Трета лига – Исток е прв фаворит за првото место и баражот за Втора лига, а овој клуб е отскочна даска за многу млади фудбалери да заминат во клубови од Втора и Прва лига.
Александар Ванев, М-Нет