
Третата македонска фудбалска лига е поделена на пет региони, а најтешкиот регион, најкокурентниот регион и за врвот, но и за опстанок дефинитивно е Северот.
Оваа сезона во Трета лига – Север настапуваа 14 екипи, од кои дури пет беа фаворити за првото место и баражот. Куманово, Шкендија Арачиново, некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ, Фортуна и БВК Коњаре беа кандидатите за првото место.
Тешка борба, неизвесност од коло во коло, многу возбуда, спорни моменти, погодоци во финишот од мечот, многу публика и полни стадиони, натпревари од висок ризик, делегирани судии од Прва лига кои судат и во фудбалска Европа, така би ја опишале оваа сезона во Трета лига – Север каде шампион стана Куманово.
Меѓутоа до шампионската титула Куманово имаше многу тежок пат, а најголем конкурент до последното коло беше Шкендија од Арачиново која заврши на второто место со бод помалку. Најтешки беа соочувања меѓу Куманово и Шкендија Арачиново, како и меѓу овие две екипи со Еуромилк ГЛ, за Куманово тешки беа натпреварите и против Фортуна, Башкими Љуботен, Беса Влазрими, како и Риниа, но и незгоден им беше и мечот против БВК Коњаре.
Трета лига – Север е најквалитетниот третолигашки регион бидејќи тука има повеќе екипи со високи цели, фудбалери кои прават трансфери од Првата лига, а притоа гледачите на телевизија М Нет имаа можност да проследат десеттина натпревари од Трета лига – Север преку директни преноси.
Тренерот на Куманово, Даниел Стојановски, во изјава за телевизија М Нет ја анализираше сезоната во Трета лига – Север и патот до шампионскиот пехар.
„Тешка сезона неизвесна до крај каде успеавме да бидеме шампиони и да стигнеме до тој посакуван бараж. Морам да потенцирам дека целата заслуга оди кај играчите. Посакувавме да дојдеме до успехот и успеавме. Куманово оваа година слави 100 години од оформувањето и 20 години од обновувањето на клубот. Се надевам дека во сабота овој прекрасен јубилеј ќе го крунисаме со влез во Втората лига“, рече за М Нет тренерот Стојановски.
Во пролетниот дел во посериозна трка беа Куманово, Шкендија Арачинов како и Еуромилк ГЛ, меѓутоа, од коло во коло, конкуренцијата се сведе само на две екипи, односно на шампионот Куманово и на вицешампионот Шкендија од Арачиново.
Тешката сезона Куманово ја круниса со 23 победи, едно реми и два порази, при што фудбалерите на Куманово постигна 76 погодоци, а прими 16, при што шампионот во Трета лига – Север собра 70 бодови или бод повеќе од Шкендија Арачиново која е втора со 69 бодови. Екипата од Арачиново го има најефикасниот напад со 105 постигнати погодоци, а Куманово ја има најефикасната одбрана со само примени 16 погодоци.
Стојановски за М Нет, исто така зборуваше и за баражот за второлигашот Победа, кој ќе се одигра во сабота.
„Од сите екипи за нас најнепосакуван противник беше Победа, затоа што е екипа со второлигашко искуство. Подруго темпо се игра на натпреварите во Вторат алига. Се надевавме да ни падне некој третолигаш, од нашиот третолигашки ранг. Секако дека Победа е фаворит на овој натпревар. Ние сме мотивирани и ќе се обидиме да ги изненадиме. Воедно ги повикувам „Кумани“ во сабота во Ѓорче во што поголем број да ни дадат поддршка. Сите заедон за фудбалот во Куманово“, изјави за М Нет тренерот на Куманово, Даниел Стојановски.
Ждрепката посака во баражот Куманово да се соочи со прилепска Победа, која лани настапуваше во Првата лига, но испадна експресно и сега е пред оние клучни 90 минути, дали прилепчани ќе приживеа и ќе играат во Втора лига и следната сезона или ќе има доживеат истата судбина како Борец и да испадне во Трета лига – Југ во две сезони, од Прва во Трета лига.
Бараж натпреварот меѓу Куманово и Победа ќе се одигра во сабота на стадионот во Ѓорче со почеток од 17 часот.
Александар Ванев, М-Нет