
Уште две кола до крајот од сезоната во ракометната елита на Македонија, а веќе се познати пет екипи кои официјално испаднаа од Суперлигата.
Аеродром е екипата која беше исклучена од натпреварувањето, а покрај оваа екипа од Суперлигата испаднаа Скопје, Голден Арт, Мулти Есенс и Вардар Неготино, кои од следната сезона ќе играат во Првата ракометна лига.
Останува борбата кои две екипи ќе се спасат директно, а која екипа ќе игра бараж за опстанок. Во овие три екипи влегуваат Прилеп, Еурофарм Пелистер 2 и Куманово.
Во рамки на претпоследното коло Куманово добива службени три бодови од мечот со Аеродром со што Куманово во таков случај ќе има 32 бодови, а пак Еурофарм Пелистер 2 на домашен терен ќе игра против Голден Арт, додека Прилеп ќе има незгодно гостување во Неготино кај Вардар.
Во рамки на последното 14. коло кога ќе се решаваат сите дилеми, за тоа која екипа ќе игра бараж за опстанок, а кои две екипи ќе се спасат, ќе се одигра директното дерби меѓу Прилеп и Еурофарм Пелистер 2, повеќе од јасно ќе биде дека поразената екипа од овој меч ќе игра бараж за опстанок, а победникот ќе остане во лигата.
Куманово во последното коло ќе се соочи со екипата на Мулти Есенс.
Речиси и сигурно е дека она екипа која ќе биде трета ќе игра бараж за опстанок со ланскиот суперлигаш Радовиш кој по победата над Младост од Богданци го заверува тоа второто место во плеј-офот од Првата лига и се подготвува веќе за баражот кој се игра на неутрален терен.
Александар Ванев, М-Нет