Радовиш подготвен за натпреварот со Јехона, со победа чекор поблиску до баражот!

ФОТО: Телевизија М Нет

Ракометарите на Радовиш утре на домашен терен ќе го пречекаат тимот на Јехона од Гостивар, во рамки на 12. коло од плеј-офот на Првата лига.

На овој меч фаворитската улога ќе биде на страната на радовишани, кој со победа ќе бидат чекор поблиску до баражот за можен експресен кам-бек во ракометната елита, односно по една година Радовиш да се врати во Суперлигата.

Во изјава за телевизија М Нет, Бојан Јованов вели дека како екипа се подготвени за натпреварот со Јехона и без притисок очекува победа.

Ристе Атанасов за М Нет вели дека во екипата има добар победнички дух, вели дека се подготвуваат натпревар по натпревар, со оглед на тоа што Радовиш овој викенд игра против Јехона, потоа има незгодно гостување кај Драчево и во последното коло дома против „фенерџијата“ Шампион.

Натпреварот меѓу Радовиш и Јехона се игра во СРЦ „25-мај“ од 18:30 часот, судиска двојка ќе биде Александар Шуковски и Иван Илиевски од Битола, а Александар Стефановски од Битола ќе биде делегат.

Во рамки на оваа рунда Младост во Богданци ќе биде домаќин на „фенерџијата“ Шампион, Металург ќе игра дерби на колото против непоразениот лидер Бисинов, а пак Драчево и Македонија ЃП ја играат скопската пресметка.

Александар Ванев, М-Нет