
Нема елементи на кривично дело во врска со случајот во Карбинци, објави Министерството за внатрешни работи. Од таму посочија дека полицијата целосно го расчистила случајот, преземени се сите потребни оперативно-тактички мерки и дејствија, а пронајден е и 20-годишникот со кој бил извршен службен разговор во врска со случајот.
„СВР Штип во содејство со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал при Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје – Одделение за криминалистички работи Аеродром и Драчево, а координација со Основното јавно обвинителство Штип комплетно го расчистија и документираа случајот пријавен од директорката на основно училиште Карбинци за наводен обид за грабнување на ученичка, при што е утврдено дека нема елементи на кривично дело. Имено, веднаш по добивањето на пријавата полициски службеници излегоа на терен, преземени се низа оперативно-тактички мерки и дејствија во координација со Јавен обвинител од штипското обвинителство, извршени се разговори со лица кои биле сведоци на случајот во присуство на родители, но и со претставници на училиштето, а по преземени активности беше пронајден и 20-годишникот со кој беше извршен службен разговор во врска со случајот. Притоа, од сите реализирани дејствија и прибавени докази не се утврдени основи за постоење на кривично правен настан“, велат од МВР
Целокупниот доказен материјал од преземените мерки и активности со соодветно известување ќе биде доставен до надлежното Основно јавно обвинителство и Центарот за социјална работа Штип за нивно понатамошно постапување, додаваат од МВР во писменото соопштение.
Инаку, на 5 декември директорката на ООУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци имаше пријавено обид за киднапирање по што јавноста видно се вознемири. Од СВР Штип уште тогаш демантираа, па посочија дека, според пријавата, младо машко лице поканило ученичка да одат на кафе, по што таа пријавила кај директорката. Апелираа да не се пласираат шпекулации за дневно-политички цели, а министерот Спасовски напомена дека е погрешно да се добиваат политички поени на мртви души.
Ребека Спасова М-Нет