
Проверени се повеќе од 50 камери, пребарано е речното корито на Вардар, подрумските простории во околината, а добиени се и информации од црквите и манастирите во близина на Скопје, вели министерот Спасовски во врска со случајот за исчезнатото 14-годишно девојче, Вања Ѓорчевска. Тој информираше дека стотици полицајци во рамки на посебно формиран Штаб во рамки на скопскиот Сектор за внатрешни работи петти ден преземаат низа активности,
„Преку 50 камери, односно места во коишто имало камери се преземени и прегледани. Целосно е во функција системот ‘Сејф сити’ во којшто, исто така, се преземаат низа мерки, сите податоци коишто се од телеком-операторите кои, исто така, може да бидат важни. Десетици лица се сослушани и од кои се земени податоци и информации за да може да се добијат некакви информации во однос на целиот овој настан. Преземени се електронски уреди од семејството и од девојчето коишто се вештачат, еден дел се земени податоци, веќе имаме одредени податоци од овие електронски уреди, коишто исто така, може да бидат од корист на истрагата и целата постапка“, рече Спасовски.
Спасовски посочи дека не може да се зборува за детали во врска со текот на потрагата и добиените податоци, но подвлече дека во функција се сите можни капацитети за јавна безбедност. Тој најави и соодветни санкции за сите оние кои шират лажни вести во медиумите и на социјалните мрежи заради сензација или од друга причина и апелираше заеднички да се бориме против лажните вести, особено во случај на ваква тема која е исклучително деликатна и бара максимална посветеност.
„Морам да кажам дека сите тие профили кои објавуваат било какви лажни вести се детектираат и сите тие ќе бидат, а дел се повикани во полициска станица. Таму каде што ќе се утврди дека ја загрозуваат безбедност, односно истрагата, и придонесуваат притоа да имаме сериозна штета во јавноста, ќе се преземаат мерки заедно со Јавниот обвинител“, додаде Спасовски.
Четиринаесет годишната Вања Ѓорчевска исчезна на 27 ноември во раните утрински часови на пат кон основното училиште „Песталоци“ во скопски Центар. Нејзината трага се губи во Дебар маало, спроти Универзалната сала во Скопје, а телефонот кој го носела со себе е исклучен.
Ребека Спасова М-Нет