Ваучери од по 6.000 денари додели Општина Штип по повод Меѓународниот ден на лица со попречености

Ваучери од по 6.000 денари додели Општина Штип на институциите кои ги едуцираат и згрижуваат лицата со попречености. На денешниот настан беше посочено дека ова е симболична поддршка која се доделува и оваа година, а во насока на подобрување на условите во коишто учат и функционираат овие лица.

„Ние сме собрани денес за да можеме да го одбележиме Денот и да дадеме скромен придонес кон подобрување на условите на сите институции коишто ги третираат лицата со попреченост. Денес со нас се претставници од ДСУ „Искра“, посебните паралелки при ООУ „Ванчо Прке“, Центарот за поддршка при ООУ „Ванчо Прке“, Дневниот центар за деца со телесна и интелектуална попреченост, Дневниот центар за аутизам и Дневниот центар за деца над 18 години „Порака“ од Штип“, вели Дејан Здравков, член на Комисијата за социјална политика при Советот на Општина Штип.

Градоначалникот Јорданов, кој ги додели ваучерите, посочи дека ваквата симболична поддршка покажува дека Општината се грижи за лицата со попречености, а во Буџетот за идната година ќе вклучи и активности од овие институции. Тој се наврати на сработеното во изминатата година, кога се отворени повеќе сензорни соби, набавен е електромоторен транспортер и изградени се пристапни рампи во училиштата.

„Ова е еден ден кога гласно говориме за потребите и состојбите, но верувајте дека некогаш не се потребни само финансиски средства, туку и желба и волја и мотив за да придонесеме и со меѓуинституционална соработка и поддршка за подобрување на начинот и условите за работа со лица со одредени попречености. Сметаме дека активностите коишто ги преземаме се во насока на подобрување на инклузивноста во образовниот процес, но и во институциите коишто работат со лица со попречености“, истакна Иван Јорданов, Градоначалник на Општина Штип.

Започнувајќи од 1992 година, на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел подигнување на свеста за правата на овие лица. Се смета дека 15 проценти од светската популација или повеќе од 1 милијарда луѓе во светот живеат со попреченост што налага неминовна потреба од поголем фокус на сите чинители кон промени на перспективите на попреченоста.

Ребека Спасова М-Нет