
Екипите на јавните претпријатија, Општина Штип и економските оператори се префрлија во штипската населба Света Недела. Течат подготвителните активности за асфалт на неколку краци од улици, што, според градоначалникот, Иван Јорданов, е барање на тамошните жители.
„Во изминатите месеци во комуникација со жителите од оваа населба нотиравме неколку краци од улици коишто беа заборавени, не беа асфалтирани. Ветивме, ги предвидовме и ги ставивме во Програмата за уредување на градежно земјиште и започнуваат активностите за припрема за асфалтирање. Во наредните денови ќе се изасфалтираат овие краци од улици и со тоа неколку десетина домаќинства да бидат опфатени со асфалт до нивните домови, нешто коешто е нормално во 21. век“, истакна Јорданов.
Изминативе недели се асфалтираше и во населбата Железничка, а асфалтирани беа и неколку улици во централното градско подрачје. Јорданов посочи дека се користи секој ден од градежната сезона која е при крај за да се завршат предвидените активности од Програмата за уредување на градежно земјиште. Уште еднаш потенцираше дека со активностите ќе биде опфатена секоја населба, а она што нема да се реализира сега ќе биде предвидено за следната година.
„Паралелно, освен во оваа населба се работи и во населбата Каваклија, се работи и во други населби, така што очекуваме наредните денови да бидат завршени сите оние проекти коишто сме ги ветиле и коишто ќе бидат во интерес на граѓаните“, додаде Јорданов.
За асфалтирањето во населбата Света Недела кое ќе се реализира во текот на следните неколку дена предвидени се околу 600.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет