Пробиштип се справи со дивите депонии, течат процедурите во Претпријатието за регионалната депонија

Течат сите пропратни постапки за функционирање на веќеформираното Јавното претпријатие кое треба да управува со регионалната депонија во Свети Николе. Ова како информација протече на денешната седница на пробиштипскиот Совет во контекст на разгледувањето на Програмата за управување со отпад за 2024 година. Од Општината велат дека реализацијата на Програмата зависи од динамиката на работите во Претпријатието, а се надеваат на засилена динамика.

„Би сакал да потенцирам дека за реализацијата на оваа Програма е важна динамиката и активностите коишто се одвиваат во делот на проектот за изградба на фабрика за преработка на отпад во Свети Николе. За ваша информација да кажам дека имаше некои проблеми и застои, но во моментов е формирано тоа Јавно претпријатие „Еко-Исток Североисток“ со седиште во Свети Николе. Ингеренциите се преземени од страна на Министерството за животна средина и Владата пред два месеца назначи в.д. директор за ова Регионално претпријатие, така што се формираше Управен одбор и сега се работи на усвојување на Статутот. Се надеваме дека динамиката ќе биде поквалитетна“, информираа од Општина Пробиштип.

Во меѓувреме општините поединечно работат за реализација на проектот, пред сѐ со расчистување на дивите депонии. Општина Пробиштип има искористено околу 180.000 евра за расчистување на 22 диви депонии. Сепак, на социјални мрежи, велат советниците, се реагира за нивно повторно создавање. Од Општината посочуваат дека Програмата предвидува мерки за превенција, а потребно е и подобро функционирање на казнената политика.

„Во самата програма има наведено дека во соработка со Јавното комунално претпријатие се зголемува опфатот на населени места во коишто организирано се подига отпадот. Тука имаме предвидено и средства за изработка на флаери, едукативни работилници, трибини, така што во тој дел во Програмата имаме одредени активности. Се разбира, во согласност со инспекциските служби треба целата оваа работа да се коригира“, додаваат од Општината.

Регионалната депонија во Свети Николе треба да се стави во функција во 2026 година. На истата, како што тврдат од Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина, ќе завршува само мешан отпад. Претходно отпадот ќе се селектира во општините, па потоа ќе се депонира.

Ребека Спасова М-Нет