
Улиците „Петти конгрес“ и „8 Април“ и паркинг-простор во штипската населба Сењак денеска добија асфалт. Ова се само дел од градежните активности кои градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, ги претстави како дел од оваа есен, пред крајот на градежната сезона. Тој најави дека периодов ќе се потрошат историски најмногу финансиски средства за капитални инвестиции, а ќе се вложува во улици, спортски игралишта во сите населби.
„Овде денес ќе се врши асфалтирање на неколку краци и пристапни улици до куќи коишто се наоѓаат на оваа улица. Денеска се асфалтираше и паркинг простор веднаш под главната крстосница во населба Сењак. Продолжуваме и на улицата „8 Април“ во населбата Дузлачки рид, ова се дел од активностите што ги преземаме во насока на асфалтирање и уредување на градежно земјиште. Деновите коишто ќе следат и оваа есен најавувам дека ќе бидат исполнети со многу активности, инвестиции, асфалтирани улици, детски и спортски игралишта коишто ќе се реализираат и се предвидени“, истакна Јорданов.
Јорданов посочи дека Штип е меѓу првите три општини кои вложиле најмногу финансиски средства во капитални проекти. Тој се повика на, како што вели, јавно достапни информации, според кои годинава Штип има највисок процент на капитални инвестиции.
„Според јавно достапни информации, највисок процент на капитални инвестиции имаме во општина Штип годинава. Општина Штип е една од трите општини коишто инвестираат во капитални инвестиции. Ова е јавно-достапен податок, неколку милиони денари ќе бидат потрошени од Буџетот на Општина Штип за да ги направиме сите овие планирани активности и улици, спортски терени и детски реквизити коишто ќе бидат поставени, катни гаражи, кружни токови коишто се планирани оваа есен, затворен пазар“, додаде Јорданов.
Градоначалникот вели дека ова е начин на кој се гради довербата кај граѓаните, а е во насока на побрз развој на градот.
Ребека Спасова М-Нет