Досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашко Клековски, ја презеде министерската функција во Министерството за здравство.
Денеска во Министерството за здравство се изврши примопредавање на функцијата министер за здравство од досегашниот министер Азир Алиу на новоименуваниот министер за здравство, Сашо Клековски.

Од Министерството соопштија дека на средбата се разговарало за досегашните проекти, тековни процеси и активности кои во изминатиот период беа во фокусот на Министерството.
Алиу беше избран за министер во јуни, минатата година.
Тој не открива каде ќе продолжи да работи, но уверува дека ќе продолжи да придонесува за општеството, а најави и дека ќе внимава дали одат во правилна насока проектите кои тој ги почна.
„Секој млад денеска станува со телефонот во рака и се информира што се случува во државата. Затоа ценам дека треба да се продолжи со дигитализацијата. Јас и после таа недела ќе вложам напори, индиректно оти нормално, директно не можам да креирам политики, но ќе вложам напори. Еве ви кажувам дека ќе бидам и гласен за нешто што јас длабоко верувам дека треба да се продолжи ако не се продолжи јас гласно ќе ве викнам на прес- конференции, надвор од Министерството, за да ви кажам дека тоа што се случува не е во правилна насока. Дали ќе бидам слушнат, тоа е друго прашање“, рече пред две недели Алиу.
Тој кажа дека нема да шета по држави и паркови туку ќе продолжи да придонесува за општеството.
„ Јас не планирам утре да се пензионирам и да шетам по државите надвор или по паркови туку планирам да придонесам кон општеството“, рече министерот Алиу.
Текстот Алиу му ја предаде министерската функција на Клековски е превземен од МАКФАКС.