
„Што се случува со животните во свињарска фарма во село Таринци, општина Карбинци?“, ваква реакција упати Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“. Оттаму велат дека повеќе од 5.000 животни се оставени да умрат без вода и храна, во простор без вентилација. Бараат да се проверат ваквите информации кои се доставени до нив, реагирајќи на несовесниот третман. Како што додаваат од „Анима Мунди“ во реакцијата, наместо државата да преземе мерки на превенција, тие креваат паника и повикуваат на масакар на свињите.
„Затворено, забарикадирано, камион ставен назад за да не може да мине никој. Пустелија, затворени врати и согласно со информациите кои се споделени до нас и кои бараме да бидат проверени, живи околу 5 – 10 000 животни се веќе осми ден без вода и јадење во простор без вентилација, оставени да умрат. Во меѓувреме осуда на смрт и препукување помеѓу институциите, населението, каде ќе се закопаат 10 000 животни, кои, без око некому да му трепне, скапуваат живи во агонија додека не испуштат здив. Тие кои и ова ќе го преживеат, најиздржливите, најизмачените ги чека масакар. Садизам, бруталност која надминува секоја граница на разум. Бедна држава која наместо мерки на превенција, хигиена, дезинфекција, исклучување на контакт, засилување на царинските контроли на граничните предели за да се спречи неконтролирано внесување на свињско месо, одлучува да крене паника и повика на масакар на свињите а нивното убивање финансиски го компензира.“
Од Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, ги демантираат обвинувањата на Здружението оквалификувајќи ги како монструозни. Како што стои во нивниот демант, во фармата е во тек спроведувањето на мерки за еутаназија согласно со донесените решенија од Агенцијата, а тие, како што велат, како одговорна институција и за благосостојбата на животните, вклучително и за оние кои се опфатени со овие мерки и кои треба да бидат еутаназирани, тврдат дека во соопштението на Здружението се изнесени лаги.
„Еутаназијата на животните се спроведува по највисоки стандарди и строго дефинирани процедури, во присуство на официјални ветеринари под чиј надзор се преземаат сите активности, почнувајќи од утврдување на здравствената и благосостојбата на животните кои треба да се еутаназираат, па се до преземањето на мерките за нештетно отстранување на убиените животни на фармата. Најодговорно тврдиме, животните кои треба да се еутаназираат не се оставени сами да умрат како што грубо се тврди во соопштението. Согласно одредбите на Законот за заштита и благосостојба, на фармата во Таринци се врши редовен дотур во силосите за исхрана, животните се снабдени со доволни количини питка вода и сместени во соодветни објекти кои се добро проветрени и осветлени.“ – велат од АХВ.
Од АХВ додаваат дека ваквите невистини и манипулирања во јавноста не одат никому во прилог и се за најголема осуда, особена во вакви услови на справување со епидемија.
Ребека Спасова М-Нет