Заврши првиот уписен рок и за СОУ„Јане Сандански“ и СОУ „Коле Нехтенин“

Денес заврши првиот уписен рок и за штипските  средни општински училишта  „Јане Сандански“ и „Коле Нехтенин“, каде поради големиот интерес уписот траеше четири дена.

Во СОУ „Коле Нехтенин“ за распишаните 340 места, пријава поднеле 185 ученика.

Од директорот, Дејан Павлов дознаваме дека најголем интерес имало за смеровите ерлектротехничар за компјутерска техника и информатика и за угостителско-туристичката струка. Павлов очекува во текот на вториот уписен рок, да се потполнат преостанатите места.

Што се однесува до СОУ „Јане Сандански“, со конкурсот беа распишани 238 места. Во изминативе четири дена, поднесени се 253 пријави. Најголем е интересот за смерот медицинска сестра, вели директорката, Емилија Рамбабова.

Емилија Рамбабова – директорка на СОУ „Јане Сандански“ – Штип

За смерот Медицинска сестра имаме како и претходните години најголем интерес, односно за 102 места се пријавени 163 ученици, за смерот Забен техничар се пријавени 25 ученици за вкупно 34 места, за смерот Фармацевтски техничар се пријавени 16 ученици за 34 места, и за смерот Физиотерапевтски техничар се пријавени 54 ученици за 68 места – истакна Рамбабова.

Но ова не се конечни резултати, бидејќи постои комисија за рангирање, која ќе ги бодира поднесените документи. Тоа значи дека, заинтересираните кои поднеле документи за смерот Медицинска сестра, а немаат доволно поени, во вториот уписен рок ќе може да се префрлат на некои од смеровите каде има слободни места.

-Имаме повеќе пријавено, односно 61 ученик отколку што ни е распишан конкурсот, така да 61 ученик ќе испаднат од смерот медицинска сестра. Се надевам дека ќе се преориентираат на некој од другите смерови коишто ги нудиме на второто пријавување.Ќе имаме слободни места за смеровите Забен техничар, Фармацевтски техничар и Физиотерапевтски техничар – додаде директорката на СОУ „Јане Сандански“, Емилија Рамбабова.

Вториот рок за упис во средните училишта ќе се организира на 24 и 25 јуни.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет

Снимател ГОРАН ХРИСТОВКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ