
По повод 60 години од страшниот земјотрес во Скопје, се релаизираат низа настани на акцијашките здруженија. Ќе се уредуваат парковите во Општина Гази Баба, ќе се посетуваат изложи, а целодневни активности се закажани за 26 јули кога впрочем и се случил земјотресот. Претседателот на штипското акцијашко здружение, Никола Кангалов посочи дека ќе има над 150 учесници од Македонија и поранешните југословенски држави.
„На акцијата ќе земат учество 150 волонтери од Македонија и околните држави. Планирано е во акцијата да учествуваат две третини млади, а една третина ветерани. Ќе имаме ударен ден на 26 јули кога е бил земјотресот и активностите ќе почнат од изутрина кога впрочем е и бил земјотресот.“ – вели Кангалов.
Целта на акцијаштвото е да се развива волонтерството, а младите да учествуваат и да придонесуваат за промени кои треба да се случуваат. Со помош на акцијаштвото се работи на терен, за развивање на инфраструктурата, помош во уредување на паркови и зеленило, како и одржување разни активности во општеството.
„Да се шири братството и единството, да се зближуваат младите, да ги покажуваат своите знаење од разни области. Во денешно време ние тоа го сведуваме на волонтирање. Ние како здружение сите активности ги правеме да го афирмираме волонтерството. “ – додава Кангалов.
Акцијата по повод одбележување 60 години од земјотресот во Скопје започна на 23 јули и ќе трае цела недла до 30 јули.
Лаура Стојанова М-Нет