
Да се заклучат влезните врати, да не се објавува на социјалните мрежи – СВР Штип со апел до граѓаните во ек на летни одмори. Од таму препорачуваат граѓаните соодветно да ги обезбедат своите домови и лични работи и со тоа да се заштитат од крадците кои овој период оперираат најмногу. Најдобар метод да се добие информација за тоа каде може да извршат кражба се социјалните мрежи, велат од СВР Штип.
„Да ги заклучат влезните врати, вратите од гаражите и подрумите. Сите вредни предмети да ги заклучат на соодветно место или во сеф, да ги остават внатрешните и надворешни светла и да го остават клучот на соседот на кој му веруваат, особено внимателно да се користат социјалните медиуми како објавување слики и места каде што престојуваат, бидејќи тие се вистински извор на информации на крадците каде можат слободно да оперираат. На тој начин стануваат лесен плен за кражба“, вели Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.
Летово СВР Штип работи и на подигнување на јавната свест кај граѓаните за совесно и одговорно однесување при излети и други рекреативни активности во шумите, со посебно внимание околу ризиците за настанување шумски пожари. Исто така, се укажува и на влијанието на заморот во сообраќајните незгоди, односно се апелира возачите да возат одморени, да прават паузи на подолги дестинации и да консумираат повеќе течности.
„Во рамки на кампањата „Безбедно лето“ и оваа година СВР Штип реализира и ќе продолжи со реализација на превентивни мерки и активности за заштита на граѓаните од кражби на домовите и на други јавни места“, додава Панајотова.
Превентивните активности се спроведуваат во непосредна комуникација и разговор со граѓаните од страна на полициските службеници, кои им делат и летоци.
Ребека Спасова М-Нет