Борачи од 15 држави се дел од 47. издание на „Македонски бисер“ кој денеска се одржува во Штип

Над 60 учесници од 15 држави денеска се дел од 47. издание на Меѓународниот турнир „Македонски бисер“ кое се одржува во Штип. Натпреварот привлече и голем број публика во спортската сала „Јордан Мијалков“, која ги бодреше своите фаворите. Според претседателот на Боречката федерација, изданието е со најголем квалитет досега.

„Денеска се одржува 47. турнир „Македонски бисер“, кој е традиционален турнир кој го организира Боречката федерација на Македонија во склоп со БК Балканец како технички организатор. Денеска се дојдени спортисти од 13 – 14 држави, ова е сениорски турнир и денеска се почнаа многу квалитетни борби, ќе продолжи во текот на целиот ден и ќе си ги покажат своите сили тука“, вели Дејан Богданов, претседател на Боречката федерација на Македонија.

Дека пред нив е голем предизвик и тешки борби, согласни се и натпреварувачите. Актуелниот Државен првак на Македонија во борење, Дејан Митров, пред камерите на М-Нет Телевизија истакна дека очекува да ги совлада противниците и да постигне високи резултати.

„Ви благодарам и вам медиумите кои ни помагате да го формираме нашиот спорт. 47. издание на „Македонски бисер“ е навистина квалитетно издание, има голем број медалисти кои се качиле на пиедесталот на светски и на европски првенства. Ќе имаме тешка задача. Во првото коло успеав да го совладам претставникот од Израел со 5:2, во четвртфинале ќе се сретнам со претставникот од Бугарија, кој е актуелен бронзен медалист на европски првенства, со добра борба, тактика и поддршка од публиката верувам дека ќе успеам да победам и да ја израдувам штипската публика, која е гладна за спортски резултати и високи достигнувања“, вели Митров.

Освен од Македонија, на 47. издание на Турнирот учествуваат и натпреварувачи од Грција, Романија, Албанија, Косово, Шпанија, Израел и други држави. Финалните борби и свеченото отворање е во 17:00 часот.

Ребека Спасова М-Нет