Лица со посебни потреби цртаа на Ликовна колонија во Дојран, штипјанец со прво место

Ликовна колонија за лица со посебни потреби и хендикеп организираше Здружението „Нова искра, нова надеж“. На истата учествувале повеќе дневни центри и заводи за рехабилитација од регионов, а прво место освоил штипјанецот Сашко Китанов. Настанот бил место на многу дружба и забава, при што биле изработени прекрасни слики и се доделиле награди во неколку категории. Дел од ликовната колонија била и познатата уметница Розе Мојсовска која слика со уста.

„Бидејќи јас немам многу искуство, досега организиравме неколку риболовни натпревари. Уметнички слики, набавив од радовишките села бардачиња недовршени и тие прекрасно ги изработија, цртаа на платно, цртаа на хамер, подготвив јас материјали. Се изненадив, прекрасни уметници. За наша среќа, ни присуствуваше една позната уметница, за жал, со тежок хендикеп, Розе Мојсовска, со уста, со четката, за час направи пет уметнички слики и ги подели на учесниците по дневните центри. Таа освои прво место од претставничките на женскиот пол“, вели Митев.

Наградите биле скромни, вели претседателот Митев. Меѓу другото, едни на други си ги подариле изработените слики, а се изработил и накит со имињата на учесниците, кој го добиле како награда. Сепак, главната цел е изработките да се продаваат во Дојран, а приходите од продажбата да бидат наменети за лицата со посебни потреби.

„Сега во Дојран, на Дојранско Езеро, имаме таму некое претставништво наше, да отвориме една барака за продажба на овие слики, сувенири. Кога ќе дојдат на краток одмор или викенд сами да си ги продаваат или нашето Здружение да ги продава во нивно име, така што средствата ќе бидат наменети за самите нив, да може да се организира екскурзија, да прошетаат, нешто да си купат, средствата да се наменети за самите нив“, додава Митев.

Планот за Дојран и понатаму останува ист, вели Митев, да се отвори скромно одмаралиште за овие лица, кое понатаму би прераснало и во старечки дом.

Ребека Спасова М-Нет