Наредната недела ќе се знае точната финансиска состојба на ЈП Исар и начинот за излез од неа

Наредната недела раководството на ЈП Исар ќе излезе со точна финасиска состојба како и активности кои ќе се преземат на краток, среден и долг рок со цел да се излзе од тешката ситуација во која се наоѓа сега. Директорот, Кирил Зајков вели дека она што го презема претпријатието не е на база на политика, туку реална сосотојба со која треба да се врати неговата ликвидност и тоа да биде сервис на граѓаните.

„За неполна недела ние ќе излеземе со точна утврдена финансиска состојба, со динамика на активности преземени на краток, среден и долг рок, сѐ тоа ќе биде транспарентно објавено. Она што ние сакаме да го направиме за ЈП Исар не е политиканство, туку е реална потреба со крајна цел да направиме ефикасно јавно претпријатие кое ќе биде сервис на граѓаните. Врз основа на тие анализи ќе побараме поддршка од сите чинители во политичкото опкружување оти ЈП Исар мора да биде сервис на граѓаните“ – вели Зајков.

Замрзнувањето на вработените ќе започне со тоа што на местото на вработените кои ќе заминат во пензија нема да се вработат нови. Во врска со договорите на дело, Зајков посочува дека сите се вработени во претпријатието и селекција ќе се прави онаму каде ќе се утврди дека вработувањето е безпотребно.

„Сите оние вработени во ЈП Исар кои во наредниот период ќе отидат во пензија ќе бидат заменети со работници кои веќе се со работен однос со ЈП Исар. Ќе се направи и функционална анализа на веќе постоечките работни позиции од аспект на нивната реална потреба, колку се реални, а колку народски кажано се шеф на шеф. Ќе видиме кои ќе бидат понатамошните активности за тие работни позиции. “ – вели Зајков.

Кога се во прашање услугите кои ги добиваат граѓаните од ЈП Исар, Зајков уверува дека промени нема да има. Тоа значи дека сите усуги навремено и целосно ќе бидат завршени и граѓаните нема да почувствтваат промени.

Лаура Стојанова М-Нет