
Почетокот на новата учебна година ќе биде најподготвена споредбено со останатите учебни години, истакна денеска на прес-конференција, Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Вели дека постапките за учебници веќе се започнати и ако сѐ се одвива согласно предвидените рокови, во тој случај ќе има и учебници, како и навремен и подготвен старт на новата учебна година.
„Сите учебници за прво, второ, четврто и петто се одобрени и веќе имаме започнато постапка која завршува за брзо, не можам да предвидам како ќе бидат наредните постапки во таа започната постапка, ама ако сѐ заврши според пропишаните временски рокови, сите учебници ќе се достават навремено. Очекувам од 1 септември да биде поподготвено од сите 1 септември до сега“, вели Шаќири.
Во врска со грешките кои се појавија во дел од учебниците, Шаќири вели дека тоа веќе нема да биде пракса. Со новиот Закон секој чинител кој ќе дозволи да излезе учебник со грешка, ќе биде казнет. На тој начин ќе се намалат грешките и децата навремено ќе имаат учебници.
„За грешките во учебниците, од тие многу филтри низ кои поминуваат учебниците очекувам поголема внимателност, но во новиот Закон ќе има казливост за авторите кои дозволиле да се појави учебникот“, додава Шаќири.
Инаку, учебникот по Македонски јазик и литература за петто одделение учениците го добија на две недели пред крајот на учебната година, кога се повлече учебникот по Историја и општество оти во истиот беа пронајдени грешки.
Ребека Спасова М-Нет