
Брегалница ја продолжува соработката со еден од најдобрите фудбалери од претходната сезона, Горан Силјановски и за следната сезона од Првата македонска фудбалска лига.
Силјановски денеска потпиша нов договор со Брегалница во желбата за нови успешни настапи во синиот дрес во елитното друштво.
„Имавме успешна пролет и една од најуспешните сезони на Брегалница во прволигашкото друштво. Сето тоа ни носи нови мотиви за новата сезона која ќе биде нов сериозен предизвик за мене во синиот дрес, за уште поголеми успеси во иднина“ – истакна Силјановски по договорот за продолжување на соработката.
Брегалница по завршувањето на сезоната во Првата македонска фудбалска лига се одлучи да ја заврши соработката со четири фудбалери.

Со завршувањето на меѓусебните договори од клубот заминуваат офанзивецот Милан Ѓокиќ, дефанзивците Александар Борха Кордоба и Даниел Мојсов како и фудбалерот од средниот ред, Адис Хаџановиќ.
„По крајот на договорите завршена е соработката со Милан Ѓокиќ, Александар Борха Кордоба, Даниел Мојсов и Адис Хаџановиќ. Во тек се разговорите со пооделни фудбалери на кои им се завршени договорите во желбата за заеднички јазик за продолжување на соработката. Јасно е дека, во желбата за креацијата на новиот изглед на тимот, нашите цели и амбиции се нови адекватни засилувања за максимална компетитивност во Првата лига следната сезона“ – вели шефот на стручниот штаб на Брегалница, Горан Здравков.
Брегалница им се благодари на Мојсов, Ѓокиќ, Кордоба и Хаџановиќ за досегашниот нескриен придонес за успесите и развојот на тимот, со искрена желба за успешно продолжување на своите кариери.