Голем интерес за посета на штипскиот Музеј, археолошката поставка – најинтересна

Некои првпат, други не – Светскиот ден на културното наследство привлече значителен број посетители во штипскиот Музеј. Заинтересираните имаа можност целосно бесплатно да ги погледнат трите поставки во Музејот, како и Музејот на восочни фигури во штипско Ново Село и археолошкиот локалитет Баргала. Директорот, Митко Штерјов, посочува дека за посетителите најинтересна е археолошката поставка.

„Ние како Национална установа имаме да понудиме многу работи коишто треба да се видат. Покрај етнолошката поставка којашто се наоѓа во склоп на НУ Завод и Музеј – Штип, се наоѓа и археолошката поставка, историската поставка, Музејот на восочни фигури во Ново Село и археолошкиот локалитет Баргала. Инаку, во повеќе наврати ги повикуваме сите граѓани, особено учениците, средношколците, да го посетат Музејот каде што може да ги видат сите овие работи коишто во последните педесетина години се истражувани на локалитетите околу Штип и се презентирани во музејските поставки. Навистина сме изненадени, бидејќи има посетеност, особено е интересна археолошката поставка“, истакна Митко Штерјов, директор на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

Посетителите посочија дека ваквите посети се вистинска можност за да се научи нешто ново, особено кога сето она што може да се види е пропратено со објаснувања од водич.

Активноста отворени музеи и локалитети се реализира во сите музеи и локалитети низ државата со цел одбележување на Светскиот ден. Годинашната тема е „Промените на културното наследство“, а ги опфаќа прашањата за културното наследство кои се отвораат со климатските промени. Темите се актуелни секоја година и се однесуваат на подигање на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, на заштитата, чувањето и афирмацијата на богатството откриено преку археологијата.

Ребека Спасова М-Нет