Нова инвестиција во ТИРЗ Штип, потпишан договорот со тајванската корпорација „Јагео“

Нови 3.900 работни места со вкупна инвестиција од 205 милиони евра за десет години, тајванската корпорација „Јагео“ ќе инвестира во штипската и скопската ТИР зона. Ова е најголемиот инвестициски договор што денеска во Тајпеј го потпишаа директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, и првите луѓе на тајванската корпорација. Преку видео за значајноста на инвестицијата зборуваше и премиерот Ковачевски.

„Станува збор за водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со 40.000 вработени ширум светот. Електронските компоненти кои ги произведуваат и кои што се еден од светските најдобри производители за чип-отпорници и тантал кондензатори се користат за авионската и автомобилска индустрија, 5G и телекомуникации, индустрија, медицина, управување со енергија, зелена енергија и слично. Со новиот концепт на поттикнување инвестиции успеавме да ја ставиме нашата земја доста високо на мапата инвестициски дестинации кои имаат капацитет и услови да реализираат висококвалитетни инвестиции од кои ќе имаме бенефит и како држава, но уште поважно инвестиции кои носат директен бенефит за граѓаните во државата“, истакна Ковачевски.

Освен производство, „Јагео“ планира и развојни и истражувачки проекти во соработка со македонските универзитети. Главниот извршен директор посочи дека производствениот капацитет во Скопје ќе се гради догодина, а во втора фаза и во Штип.

„Направивме многу истражувања, но главната причина за нас да ја донесеме конечната одлука како групација беше 10-годишното искуство исто така и позитивниот однос и поддршка на Владата. Тоа се двата најважни фактори за нас, стабилноста на државата и квалитетната работна сила. Два производствени капацитети ќе се градат во Скопје, првиот во јули догодина, а потоа во втора фаза и во Штип.“ – вели Дејвид Ванг, главен извршен директор на „Јагео“.

Ковачевски посочи дека последниве две години се постигнати договори од над 650 милиони евра, а со оваа инвестиција се надминува износ над 850 милиони евра. Според него, во зоните има 16.500 вработени, а првиот квартал бележи речиси една милијарда евра извоз што е највисоко ниво во последниве пет години.

Ребека Спасова М-Нет