Претстојниот викенд, Битола на своите сограѓани и сите посетители кои ќе одлучат да го посетат градот под Пелистер им дава можност да уживаат во уникатна културно – уметничка програма, карактеристична за градот кој го има фестивалот Бит фест.
Вечерва, Симон Трпчески, светски познатиот македонски класичен пијанист, ќе настапи на Антички Театар Хераклеа во Битола. Трпчески е еден од најголемите културни амбасадори на Македонија во светот.
Неговата кариера вклучува настапи со Лондонска Филхармонија, Филаделфискиот Оркестар и Кралската Ливерпулска Филхармонија. Добитник е на наградата за дебитант на годината од Кралското Филхармониско Друштво и на престижната награда Gramophone. Критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна техника и длабока музикалност.
„Да го слушнете Трпчески во Антички Театар Хераклеа е привилегија – класична музика од светско ниво во амбиент кој е стар повеќе од два милениума. Ова е настан кој ретко се случува и кој вљубениците во музиката не треба да го пропуштат“, велат од „Прагма продукција“ која го организира концертот со поддршка на Општина Битола.
Општина Битола во соработка со Културниот и информативен центар КИЦ го најавуваат и првиот фестивал посветен на чалгијата. На 14 и 15 август, градот ќе пулсира во ритамот на традиционалната чалгиска музика, низ настанот „Битолски чалгиски денови.
Првиот фестивалски ден, 14 август, започнува во 11:00 часот во Офицерскиот дом, со семинарот „Канон – Чалгиска музика“, под менторство на Филип Михајловски. Едукативната содржина ќе биде можност за запознавање со традицијата, структурата и спецификите на чалгиската музика.
Вечерта, центарот на случувањата се сели во Старата Чаршија кај Монмартр, каде од 20:30 часот ќе настапат Чапче и Тајфата. Во 21:30 часот следува настапот на Филип Шурбевски Езгија Квартет, а во 22:30 часот вечерта продолжува со „Мерак чалгии“, Димитар Андоновски и Бојан Стојков.
На 15 август, чалгиската приказна продолжува во 18:00 часот на Широк Сокак, со пајтонско дефиле, кое низ препознатливиот битолски амбиент ќе го најави следниот музички дел од програмата.
Од 20:30 часот во Старата Чаршија повторно ќе настапат Чапче и Тајфата, додека во 22:00 часот настапуваат Љубојна и Битолскиот Чалгиски Оркестар.
На 16 август, со почеток во 20:00 часот, Националниот џез оркестар ќе настапи во Битола, во рамките на програмата на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ.
Под диригентската палка на маестро Владимир Николов, оркестарот ќе ја претстави својата концертна програма „Македонски сновиденија“ – енергична фузија од македонскиот фолклор и современиот џез, водејќи ја публиката низ музичко патување инспирирано од длабоките културни корени на македонската традиција, прераскажани преку слободниот јазик на џезот. Програмата е составена од нови аранжмани на македонски народни песни и оригинални композиции инспирирани од домашниот фолклор.
Овој уникатен проект веќе постигна огромен успех на меѓународната сцена.
Националниот џез оркестар е еден од водечките биг – бенд состави во регионот, препознатлив по својата уметничка извонредност, современ пристап и силна посветеност кон развојот на современата џез музика. Оркестарот обединува врвни домашни џез музичари и меѓународно признати гости – уметници.
Концертот се реализира во соработка со Општина Битола, КИЦ – Битола и Центарот за култура – Битола.
Текстот Три големи културни настани викендов во Битола е превземен од МАКФАКС.