Беласица остана без тренер, Благој Гуцев си заминува од тренерското столче на струмичката гордост!

Продолжуваат тренерските смени во Втората македонска фудбалска лига, а можеби оваа сезона е рекордна по бројот на тренерски промени.

Денешното 24. коло во Втора лига донесе нова тренерска оставка, откако младиот Благој Гуцев се повлече од тренерското столче на Беласица по поразот од Слога Виница, четврти пораз во низа за Беласица.

„Беласица име со тежина, име што само по себе носи одговорност. Кога губи Беласица, губи Струмица, губиме сите. И покрај успешниот период поминат во клубот, издигнување на клубот од долниот дел на табелата, надигрување со најдобрите во лигата и пред се презентација на млади струмички фудбалери во првиот тим го затварам овој период како успешен. Клубот е на прав пат, клубот со сопствени играчи ќе се врати кај што му е местото. Благодарност до сите во клубот за оваа неописиво задоволство! Од денес не сум повеќе тренер на клубот за кој душата сум ја оставал и на теренот и надвор од него. Покажете љубов према клубот со дело“, вели Гуцев по заминувањето од клубот.

Беласица се залага за промовирање на струмички фудбалери со кои сака да направи стабилен тим со кој следната сезона ќе атакува на кам-бек во фудбалската елита на Македонија.

Беласица последен пат славеше против Каменица Саса на 11. март со 2:0, а оттогаш забележа четири порази во низа – Беса (3:0), Гостивар (0:3), Воска Спорт (4:1) и денес Слога Виница (2:3), па со 32 бодови на своето конто Беласица се спушти на деветото место на табелата и до крајот од сезоната ќе игра за што подобар пласман на табелата.

Во следните денови ќе биде познато кој ќе ја води Беласица до крајот на сезоната и дали ќе се работи за привремено решение, па прашањето околу назначувањето на нов тренер ќе биде оставено по завршувањето на сезоната или пак ќе бара тренер кој ќе го води клубот на подолги патеки, останува да видиме во текот на следните денови.