Вардар загуби од Беса, Воска со висока победа изби на врвот во Втора лига, Гостивар со „петарда“, „кикс“ на Пелистер, Саса до важен бод

Денес на програмата беа натпреварите од 23. коло од Втората македонска фудбалска лига, коло кое донесе интересни и изненадувачки резултати. Вардар загуби, Пелистер ремизираше, Воска со убедлива победа стана нов лидер во Втора лига, а пак Гостивар со „петарда“ за Тетекс.

Во Охрид на “Билјанини Извори” Воска Спорт однесе убедлива победа од 4:1 над струмичка Беласица, во меч каде домашниот тим важеше за голем фаворит пред домашната публика.

Домашниот тим брзо го отвори резултатот со евроголот на Бехар Фета, по претходниот притисок кој го правеше Воска. По неколку минути игра, Николоски капитулираше по вторпат, откако Фета со втор гол обезбеди предност од 2:0.

Тоа го принуди младиот тренер на Беласица, Благој Гуцев да направи измени. Младиот Чукарски излезе од игра, а влезе Митовски.

Во 32. минута Бесарт Реџепи имаше одлична шанса, но Николоски успешно интервенираше. Брзо потоа Фета постигна нов еврогол и негов хет-трик, со што Воска имаше убедливи 3:0. Амедов влезе во игра на местото на Петров со што Беласица се обидуваше да внесе свежина во своите редови.

На стартот од вториот дел двете екипи направија измени, а Фитон Адеми погоди веднаш за 4:0.

Капитенот Александар Милушев заработи незгодна повреда на стапалото, по што мораше да го напушти теренот со цел да направи дополнителни медицински прегледи во Св.Еразмо-специјална болница за ортопедија и траумотологија во Охрид.

Беласица креираше шанси и имаше можност да ја намали предноста на Воска, но мрежата на Велии остана чиста.

Струмичани во финишот креираа одново шанси, а Радојчиќ конечно успеа да погоди и намали на конечни 4:1.

Гледачите на телевизија М Нет го следеа дербито помеѓу Саса и Кожуф, каде трите бодови беа одлучувачки за “рударите”. Првиот дел во Македонска Каменица не беше атрактивен и ефикасен од аспект на погодоци, бидејќи мрежите мируваа 0:0.

Во вториот дел продолжува борбата за трите бодови, а прв удар зададе Кожуф, кој преку Тони Мичковски во 80. минута го отвори резултатот за 0:1. Саса имаше силен притисок поради негативниот резултат, па во судиското надополнување успеа да се спаси од пораз и да извлече многу важен бод, откако Виктор Марковски во 94. минута постигна гол за голема радост на домашната публика, откако конечниот резултат беше 1:1.

Вардар не е повеќе лидер во Втората лига, откако загуби на тешкото гостување во Врапчиште, каде најтрофејниот македонски фудбалски клуб беше поразен преку пресврт (2:1) од Беса.

Вардар по само три минути дојде до водство преку Дарио Десниќ, а до крајот на првиот дел Беса успеа да израмни на 1:1 со гол на Имран Фетаи.

Вториот дел донесе голем притисок за Вардар, со оглед на фактот што Гостивар имаше предност против Тетекс, а пак Воска беше сигурна со Беласица. Во 61. минута Зани Назифи беше херојот на домашниот тим, кој ја погоди мрежата на Гачевски, со што направи комплетен пресврт на резултат за водство на Беса од 2:1, а воедно тоа се покажа и конечен резултат.

Во Струга се одигра езерското дерби меѓу Караорам и Охрид, каде имаше пеколна навивачка атмосфера од “Паткари”, како и од “Рибари” кои во Струга пристигнаа со брод. Конечниот исход од соочувањето на двата големи ривали беше 1:0 за Караорман.

Играч на одлука во езерското дерби беше Ивица Ќелешоски, кој во 40. минута ја стресе мрежата на охриѓани.

Детонит Плачковица во финишот се извлече и не дозволи изненадување против „фенерџијата“ Борец на Градскиот стадион во Велес, во меч каде радовишани преку пресврт (1:2) стигнаа до триумф.

Домашниот тим преку Стојан Попоски во 40. минута стигна прв до водство. Во вториот дел Славчо Јанев во 79. минута го врати Детонит Плачковица во егал борба за трите бодови, откако најпрво искусниот радовишанец израмни на 1:1, а десет минути подоцна Иван Настевски се покажа како херој за радовишани, кој погоди за конечни 1:2 и три бода за гостинот од Радовиш.

Борец уште еднаш прокоцка можност за прв сезона радости и прво освојување на целиот „плен“, па со овој пораз, велешани се речиси пред сигурно испаѓање во Трета лига – Југ.

Гостивар го „збриша“ Тетекс со убедливи 5:0 на домашен терен, во меч каде „штофарите“ од самиот старт беа со два играчи помалку на теренот. Голманот Анѓелковски заработи директен црвен картон поради неспортско однесување, односно спречување на очигледна шанса за гол намерна игра со рака надор од казнениот простор, додека пак Кировски заработи директен црвен картон поради неспортско однесување, односно недолично однесување кон главниот судија.

Сепак и со двајца играчи помалку на теренот Тетекс парираше во првите 45 минути, но во вториот дел Тетекс се распадна како кула од картин.

Велинов погоди во 57. минута за 1:0, а потоа следуваа два брзи гола на Керим во 63. и Рамадани во 69. минута за водство од 3:0. Потоа на сцена стапи Антониот Каланоски со два гола во 72. и 76. минута за конечни 5:0.

По ваквиот пораз „штофарите“ продолжуваат да тонат кон испаѓање во Трета лига – Запад.

Пелистер се „сопна“ на незгодното гостување во Виница каде одигра 1:1 со Слога. Ваквиот „кикс“ за Пелистер може да значи и крај на сите надежи за експресен кам-бек во Прва лига.

Борче Маневски во 23. минута го донесе Пелистер во водство. Во вториот дел Михаил Воинов се покажа како херој за домашниот тим, кој погоди за конечни 1:1 во 84. минута.

Локомотива на неутрален терен во Кичево беше убедливо поразена од Арсими со 0:3. За гостите од Чегране погодоците ги постигнаа Самет Реџепи во првиот дел и во финишот на мечот Шпенд Асани и Мухамед Бекир.