Јајца почнаа да се купуваат за Велигден, цените замрзнати – ама не и евтини

Недела пред Велигден граѓаните во Штип веќе започнаа да купуваат јајца. И покрај тоа што сѐ уште е рано, како што велат тие, сепак полека се подготвуваат за најголемиот христијански празник. За разлика од годините претходно велат дека сега драстично покачување на цените нема, ама ова се должи на фактот дека Владата пред две недели ја замрзна цената на јајца, да не биде повеќе од 300 денари за една табла. Ама од друга страна посочуваат дека нема ниту намалување на цените. За излез од ваквата ситуација велат дека е потребно да се покачат примањата, а не да се замрзнуваат цените на производите.

„Во споредба со маркетите, споредба до сега немам направено, но ми велат луѓето дека се свежи“

Замрзнувањето на цената на јајцата беше со цел за Велигден и Бајрам сите граѓани да може да си ги дозволат на трпезите. Пред две недели министерот Бектеши истакна дека праксата од годините наназад нема да се повторува и за празниците нема да има драстичен скок на цените на јајцата.

Инаку, пред јајцата се замрзна цената на лебот, потоа на тестенините, белиот ориз како и на 11 видови на овошје и зеленчук.

Меѓутоа, моменталната ситуација со недостаток на домати и краставици на пазарите придонесе да се размисли дополнително и во вторник на седница на Влада да се ревидираат цените.

Лаура Стојанова М-Нет