
Реализација од само 10% има Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси во 2022 година. Причината за оваа слаба реализација, вели претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, е слабата посветеност на институциите, но и честото менување на раководните структури, како на пример во министерствата каде во посочениот период се променети три – четири министри. Постои и недоволна професионална администрација благодарение на политичките влијанија при вработувањата.
„Отсуството на интегритет, силното политичко влијание, особено при вработувањата преку познатите канали на непотизам, кронизам, понатаму неказнивоста, отсуството на целосна нетранспарентност, на дигитализација. Сето тоа придонесува да се создаде една ваква клима каква што постои и, навистина, сметам дека е најкрајно време конечно да се разбудат и да дадат свој придонес, затоа што никој друг од страна не може да ни ја среди државата, ако ние не го сториме тоа“, истакна Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Високото присуство на корупција го забележуваат и граѓаните, но не се многу оптимистични дека ваквата ситуација може да се подобри.
Најнизок степен на реализација на активностите од акцискиот план на Националната стратегија има кај Министерствата за информатичко општество и администрација и за земјоделство и шумарство, како и кај Фондот за здравствено образование. Дел од групата ризични фактори кои ја поттикнуваат корупцијата се силното политичко влијание, неказнивоста, недоволната транспарентност, недоволната дигитализација и злоупотребата на дискрециските овластувања.
Ребека Спасова М-Нет