Национал-шовинистички пораки испишани на зграда во Штип, има ли надлежен да ги отстрани?

Зградите во штипската населба се Осми ноември се само една од локациите на кои може да се видат национал-шовинистички пораки. Испишани на македонски и албански јазик овде пораките предизвикуваат национална омраза, раздор и нетрпеливост. Но ова не е единствен ваков случај, ниту Штип е единствен град во кој може да се забележат вакви пораки испишани на згради, институции, споменици и слично. Кога станува збор за уништување на спомениците, Општините, на пример во Штип и Кочани, имаат поднесувано пријави до МВР за случаите, но кој е надлежен да го отстрани натписот доколку станува збор за станбена зграда?

„Да се исчистат графитите е надлежност на фирмите кои ги одржуваат зградите. Станарите треба да се договорат на Куќен совет или слично и да поднесат барање до фирмата за да ги исчистат испишаните натписи.“ – одговорија од Општина Штип

Кривичниот законик во чл. 319 ст. 1 посочува дека тој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките или верските симболи, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови или на друг начин ќе предизвика или ќе разгори национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост, ќе се казни со затвор од една до пет години. Но во најголем број од случаите граѓаните не ги пријавуваат случаите, ниту реагираат за истите, како што никој досега нема реагирано за отстранување на испишаното на зградите во Осми ноември.

Ребека Спасова М-Нет