Штипските училишта ги спроведуваат насоките од МВР за евентуални дојави за бомби

Штипските училишта ги спроведуваат посочените мерки и активности од МВР за евентуални дојави за поставени бомби. Раководствата на училиштата имаат остварено средба со претставници од СВР Штип и уште од почетокот на оваа седмица ги почитуваат и практикуваат насоките кои им се дадени од таму. Од МОН, пак, допис за тоа како би се одвивала наставата при евентуална дојава до Одделението за образование при Општина Штип нема пристигнато.

„Министерството за внатрешни работи мислам дека на цела територија на Македонија има преземено одредени мерки со кои се налага на училиштата да преземат одредени активности по коишто ќе се постапува во случај на дојава за поставена експлозивна направа. И во општина Штип има остварено контакти со раководствата на училиштата, значи меѓу СВР Штип и директорите на училиштата, каде што се дадени конкретни насоки. Инаку, ние како Општина немаме добиено официјални соопштенија или мејл-известувања коишто ќе ни дадат одредени насоки да ги информираме училиштата од МОН“, истакна Снежана Санева, раководител на Одделение за образование при Општина Штип.

МВР и МОН овие денови размислуваа за нови насоки и протоколи кои би се применувале во случај на евентуални дојави за поставени бомби. Министерот Спасовски посочи дека е направен оперативен тим од различни институции кои учествуваат со свои експерти и бараат соодветни решенија за да се најде поинаков пристап кон електронските закани. Ново упатство беше донесено уште во петокот, а од МВР посочија дека ќе известуваат доколку има каква било реална закана, а се останато како нереални закани со низок степен на веројатност, ќе се пренесуваат до степен до којшто треба да бидат пренесувани. Во однос на наставата, учениците се приклучуваа и на онлајн-часови, но таквиот протокол наиде на низа забелешки од засегнатите страни.

Ребека Спасова М-Нет