Грижата за безбедноста на вработените е приоритет, велат од САСА за повредениот работник

Повредениот работник во рудникот САСА бил прегледан од медицинско лице во амбулантата и веќе денеска е вратен на работното место, велат од рудникот САСА во официјално соопштение. Од таму посочуваат дека работникот се здобил со повреда на прстите од едната рака при редовно извршување на работни задачи во погонот Флотација.

„Постапувајќи согласно процедурите за безбедност и здравје при работа во САСА, работникот веднаш бил прегледан и му била пружена соодветна медицинска нега од страна на дежурното медицинско лице во амбулантата на Рудник САСА. По пружената прва медицинска помош работникот со придружба бил испратен на понатамошни испитувања. По спроведените лекарски прегледи, повредата била санирана, по што работникот веќе од денеска повторно се вратил на своето работно место. Грижата за безбедноста при работа и здравјето на вработените има највисок приоритет во рудникот САСА. За да се постигне висок степен на безбедност и заштита при работа САСА ги имплементира меѓународните практики и стандарди, вклучувајќи го и системот за управување со безбедноста и здравјето при работа OHSAS 18001. “ – велат од рудникот САСА

Од таму додаваат дека вработените се обезбедени со комплетна лична заштитна опрема, се организираат редовни обуки од областа на безбедноста и здравјето при работа, воведени се задолжителни редовни медицински прегледи, а САСА располага и со целосно опремена амбуланта со постојано дежурство на медицинско лице, како и сопствено санитетско возило.

Ребека Спасова М-Нет