
Есенскиот првак Струга Трим Љум пролетниот дел го отвори со реми против Тиквеш (1:1) во Кавадарци и дома се врати со бод.
Стружани имаа негатива од 1:0, па во вториот дел го израмнија резултатот и успеаја да обезбедат бод кој во случајот им беше повеќе од потребен, со оглед на тоа што Шкупи триумфираше над Шкендија во мега-дербито одиграно во Кичево.
Тренерот на Струга Трим Љум, Срѓан Захариевски, вели дека дуелот во Кавадарци бил над просекот во мак-фудбалот, а нерешениот резултат е реален исход.
„Пред се честитки за сите актери на натпреварот, кој по мое мислење беше над просекот на мак фудбалот, пред се честитки од аспект на борбеност, акции, шанси, доста тензичен и пред се убави голови, каде мора да се истакне голот на нашиот играч, Валентин Кочоски. Можам да кажам дека имавме повеќе од играта и дека создадовмр шанси, но сепак кога ќе се собере се, мислам дека нерешениот резултат е реален, бидeјќи ние имавме негатива од првото полувреме“, рече Захариевски.
Струга е лидер на табелата со 38 бодови, само бод помалку има второпласираниот Шкупи, но и натпревар помалку, па трката за титулата ќе биде неверојатно „пеколна“ до последното коло.
Во следното коло момците на Захариевски ќе се соочат со Македонија Ѓорче Петров на домашен терен.