Шаќири: Учениците од второ одделение учебници ќе добијат на почетокот на второто полугодие

Второ полугодие, втора шанса за учениците да добијат учебници. Токму на почетокот на второто полугодие министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, најави дека учениците од второ одделение ќе ги добијат учебниците по математика и општество. Исто така, како што рече тој, ќе има и дел од учебниците за средно гимназиско образование, а речиси сите учебници за средно стручно образование ќе бидат целосно достапни и во електронска форма. Годинава ќе се обезбедат и нови учебници за странски јазици за основно и средно образование, а министерот го најави и новиот Закон за учебници.

„Министерството за образование и наука со оглед на предизвиците со учебниците што се појавија, утврди дека има потреба од нов подобар Закон за учебници, со кој ќе се минимизираат можностите за грешки, доцнење и слични проблеми и убеден сум дека следниот септември дел од проблемите што се појавија ќе бидат минато и нема да се повторат. Иако МОН не е дел од процесот на одобрување на учебници, ја користам приликата да ја информирам јавноста дека ги активираме сите можни механизми, довербата на граѓаните да биде уште поголема.“ – истакна Шаќири.

Најавува и удвојување на инвестициите во нови лаборатории, надгледни средства, таблети и компјутери, што ќе придонесе за намалување на дигиталниот јаз. Освен за учениците, Шаќири напомена и дека со синдикатите се разговара за наставничкиот кадар и донесување нов колективен договор, со што би се зголемиле платите во образованието.

Во однос на инвестициите, Шаќири посочи дека МОН минатата година има реализација од 95% на капиталните инвестиции, а годинава ќе се реновираат педесетина училишта и ќе се градат нови во дваесетина општини.

Ребека Спасова М-Нет