
Иако нема регистриран случај на морбили во Штип и во земјава, лекарите се со апел за што помасовна вакцинација на децата. Доктор Дијана Коцева – Миланова од Здравствениот дом во Штип вели дека родителите најмногу пружат отпор кон оваа вакцина, што само ги изложува децата на зараза при евентуално пренесување на болеста од надвор.
„Не, немаме случаи на регистрирани заболени од морбили, меѓутоа самиот факт дека е низок опфатот на имунизација ги изложува од ризик неимунизираните деца при еден импортиран случај, евентуално, од странство да ја добијат болеста, бидејќи се работи за болест која се шири преку директен контакт и преку воздушно“, вели Коцева – Миланова.
Опфатот на вакцинација во Штип е нешто понизок кај првата доза која ја примаат дванаесетмесечни деца, што се објаснува со општопознатиот факт дека родителите често ја одложуваат вакцинацијата, односно чекаат детето да прооди или да прозбори, па да ја прими вакцината. Вообичаено тие за вакцинација доаѓаат по втората година, меѓутоа ваквиот факт е неоправдан, вели Коцева – Миланова, бидејќи со тоа децата само се изложуваат на ризик.
„За да се оствари солиден колективен имунитет ние целиме кон опфат од над 95%, меѓутоа реално тој опфат тешко се достигнува, така што на национално ниво целиме опфатеноста да е барем над 90%. Во општина Штип за вакцина со прва доза, која се прима на 12 месеца, опфатот изнесува околу 75.6%, веќе за ревакцината која е на 6 години опфатот е добар, 93,7%. Меѓутоа, опасност да заболат од морбили се најмногу изложени малите деца и возрасните невакцинирани деца, кај компликациите може да бидат доста сериозни, па дури да доведат и до смрт“, додава Коцева – Миланова.

Претходната пандемија на морбили беше прогласена на ниво на цела држава во 2019 година. Ако се спореди тогашниот процент, вели Коцева – Миланова, постои реална основа за грижа.
„И претходната пандемија кога се случи во 2019 година опфатот беше околу 80%. Сега ние сме многу под 80%, така што ризикот е реален од нова епидемија со морбили“, заклучува Коцева – Миланова.
Не може да се каже колку процентот треба да падне за да се прогласи епидемија на морбили. Коцева – Миланова вели дека за преземање такви мерки одлучува Комисијата за имунизација, а тие ги следат препораките на национално ниво.
Ребека Спасова М-Нет