Усвоен планот за прскање против комарци во Штип, ќе се реализира конечно регионално прскање?

Десетпати од земја и трипати авионско прскање против комарци предвидува акциониот план на Општина Штип за 2023 година. Со вкупно 2.000.000 денари Општината годинава ќе се обиде да се справи со проблемот со комарците на територија на Штип преку планот кој советниците го изгласаа на последната седница.

„Со предлог-програмата за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести на територијата на општина Штип за 2023 година, ве информирам следното: Програмата е изготвена согласно со Законот за заштита на населението од заразни болести. Составен дел од програмата е акционен план за мерки со временски рамки, овде ќе ги споменам третманите за ларвицидна дезинсекција кои ќе се изведуваат пет пати, пет третмани адултицидна тереистичка дезинсекција и тоа тереистичка и трипати третмани на авионска адултицидна дезинсекција. Ќе имаме два третмани на дератизација на канализационите шахти“, истакна Софче Трајкова од Општина Штип.

Но и покрај долгогодишната иницијатива за регионално прскање, во штипскиот акционен план условно стои „ако дојде до координација, фирмата-оператор ќе се избере со другите општини“. Што значи дека општините од Источниот плански регион сѐ уште се немаат договорено за координирано прскање за кое се зборува со години наназад. Дека нема ефект од индивидуалното прскање согласни се сите градоначалници и стојат на ставот дека треба заеднички да се делува, бидејќи освен минималниот ефект вака се трошат и голема сума на пари. Директорката на Центарот за развој на Источен Регион, Зуица Ангелова, вели дека тие сѐ уште се за организирано прскање кое ќе даде ефект. Ова како можност беше презентирано и на седмата седница на Советот за развој на Источниот плански регион, која се одржа во месец ноември минатата година. На истата презентер беше претставник од Центарот за јавно здравје – Скопје, кој пред членовите ја изложи можноста од спроведување на организиран регионален пристап во однос на заштита на населението во Источен плански регион од вектор-преносливи болести преку дезинсекција на возрасни комарци. Меѓутоа, за вакво нешто дополнително ќе се разговара на следните седници.

Ребека Спасова М-Нет