Следната година ќе има нов раст на платите и пензиите, порача Ковачевски од Кочани

Следната година ќе има нов раст на платите и пензиите, најави премиерот Ковачевски. Со новата методологија, до март 2023 година пензиите ќе бидат зголемени за 16%. Зголемувањето од 10% досега, според Ковачевски, е доказ дека се грижат за пензионерите.

„Знам дека во оваа криза и тоа не е доволно, никогаш не е доволно. Затоа, со антикризните мерки за оние кои имаат најниски пензии обезбедивме дополнителна финансиска помош. Ова е време на солидарност во кое ќе има најмногу за оние коишто се најранливи. Јас реков и ќе повторам дека пензионерите ќе бидат чувани“, истакна Ковачевски.

Според Ковачевски, земјава е на добар пат иако платите се’ уште се прениски, а цените превисоки. Тој посочи дека досега обезбедиле пониска цена на електричната енергија за училниците и здравствените установи, а за помош на граѓаните – фиксна цена на струја за фирмите производители на основни прехранбени производи.

„И по десет месеца, резултатот е видлив. Успешно реализиравме два пакета на антикризни мерки во износ од 760.000.000 евра, најголем во целиот регион. Но има уште многу пат до брегот. Знам дека цените се превисоки, а платите прениски. Но ве молам да ми верувате кога ви велам дека сме на вистинскиот пат, а оние кои не сакаат да веруваат на мојот кажан збор, барем може да поверуваат на она што го кажуваат меѓународните финансиски институции. Светската банка ги оцени нашите антикризни мерки како најголеми во регионот според процентот на учество во бруто домашниот производ“, додаде Ковачевски.

Поради ваквиот пакет мерки, според Ковачевски, цените на храната почнуваат да се намалуваат. Досега намалување има кај цената на лебот, а очекува намалување на брашното, месот, млекото и другите основни производи за 10%. Ковачевски од Кочани порача дека нивната основна цел е да обезбедат нови и подобро платени работни места.

Ребека Спасова М-Нет