
Само еден ковид-позитивен пациент во моментов се наоѓа на штипското Инфективно одделение. Началничката, Дијана Шишкова-Гајдарџиска, посочи дека бројот на хоспитализирани во изминативе два месеца е значително мал, а мал е и бројот на оние кои биле со тешка клиничка слика. Во текот на овој период нема починати лица.
„Во изминатите два месеца на нашето одделение се хоспитализирани 13 болнички пациенти и три во дневна болница. Во моментов имаме само еден пациент и на одделот изминатиот период немаме починат пациент, во изминатите два месеца“, вели Шишкова-Гајдарџиска.
Клиничката болница во Штип на листата има тројца специјалисти инфектолози на Одделението и истите се единствени во овој регион. Шишкова-Гајдарџиска очекува ситуацијата да се промени со нови специјализанти.
„Двајца имаме во тек на специјализација, една колешка можеме да кажеме дека е при крај, наредната година очекуваме да се врати, а другата колешка ни е на втора година на специјализација, од потребни пет специјалисти на Одделението. Очекуваме да имаме поголем број на специјалисти и да се распишат нови специјализации за инфектологија“, рече Шишкова-Гајдарџиска.
Подвижниот рендген апарат кој го доби Одделението, според Шишкова-Гајдарџиска, е од голема помош и за вработените и за пациентите, особено кај случаите на пациенти со тешка здравствена состојба.
„Изминатите месеци кога е ставен во употреба, сме го користеле за лежечките пациенти, што се отприлика 80 пациенти. Транспортот, навистина, беше комплициран, сите тоа го знаат. Генерално, најмногу одат со кислородна поддршка, со боци од кислород, треба многу внимание и затоа одат овде на лице место“, додава Шишкова-Гајдарџиска.
По големиот број на пациенти позитивни на коронавирусот, Инфективното одделение годинава конечно се враќа во нормала. Во последниов период се хоспитализираат и пациенти заразени со жолтица, цревни и други заболувања.
Ребека Спасова М-Нет