
Рокот за завршување на патот Крупиште – Кочани е за еден месец од денес, порача вчеравечер премиерот, Димитар Ковачевски, на граѓанската трибина во Кочани. Тој вели дека рокот го дал на министерот Бочварски, а роковите мора да важат за секој функционер поставен од СДСМ.
„Патот од Крупиште до Кочани којшто е дел од експресниот пат Кочани – Штип очекувам за еден месец од денес да биде завршен. Му дадов рок на Министерот за транспорт и врски и за автопатот до Охрид. Роковите мора да се почитуваат, тоа важи за секој функционер поставен од СДСМ. За еден месец да биде завршен и ако треба, да биде ставен во времен режим на сообраќај и граѓаните да можат да возат по него до крајот на оваа година. Тоа е целта за експресниот пат којшто го поврзува вашиот град“, истакна Ковачевски.
Ковачевски работата на претходниот градоначалник во Кочани ја оцени како нешто што никој досега не го направил. Новиот градоначалник, вели, за Кочани и кочанчани нема направено ништо. Патот Штип – Кочани, булеварскиот влез во градот, патот кон Пониква и новата детска градинка, Ковачевски ги наброја како дел од досегашните инвестиции на СДСМ во Кочани
„Пет проекта не може да наброи новиот градоначалник, не може да наброи толку проекти колку што Коле направи кружни текови во Кочани. Кочанчани велат ваков градоначалник не сме имале. Сега, по една година, може да споредите дека не сте имале. Пат накај Пониква, и Оризари поврзано, и асфалтирано Кочани. Паркот погледнете го, тој го почна, мрдна ли една година? Ништо не е мрднато. Камен нема поместено новиот градоначалник“, додаде Ковачевски.
Од трибината во Кочани, Ковачевски посочи дека досега се исплатени сите штети и субвенции за оризопроизводителите кои не биле исплатени од 2015 година, а, според него, подготвен е и нов модел за субвенционирање на земјоделците.
Ребека Спасова М-Нет