
Најдоцна до вторник Владата ќе ги објави антикризните мерки за ублажување на последиците од енергетската и економска криза. Според министерката Тренчевска, дали ќе биде во вид на ваучери за купување домашни производи или, пак, средства за поддршка ќе бидат уплатени на сметките на граѓаните, сѐ уште се разгледува.
„Подготвуваме финална верзија од мерките коишто ќе значат на најранливата категорија на граѓани. Секако, ќе бидат опфатени дел од граѓаните коишто се приматели на социјалните права. Овие денови до вторник ги финализираме заедно со министерот за финансии и економскиот тим на Владата. Навистина, сега кога не е дефинирано сѐ не би сакала да излезам со дел од предлогот, а на крајот таа целна група да не биде опфатена“, истакна Тренчевска.
Мерки за намалување на негативните ефекти од енергетската криза очекуваат и компаниите. Од Бизнис Конфедерацијата посочуваат и конкретни мерки, како што е тарифата за електрична енергија за занаетчиите, микро, малите и средните претпријатија, односно тие да не бидат врзани за индустриска струја. Понатаму очекуваат и субвенции или блок дотации во однос на топлинската и електричната енергија.
„Сметаме дека во овој момент најважна е одржливоста на компаниите и зачувувањето на работните места. Има сет на мерки коишто може да го овозможат тоа, меѓутоа треба да се биде умен и пред сѐ да се ревидираат јавните трошоци. Тоа е многу важен сегмент за да не мораме постојано да се задолжуваме на домашните и на странските пазари на капитал, а втората работа е директна помош за поттикнување на одржливоста на компаниите“, истакна Миле Бошков, од Бизнис Конфедерација.
Бошков претпоставката дека поради енергетска криза ќе се отпуштат од 30 до 50 отсто од вработените во компаниите ја оценува како опасна. Смета дека Министерството за труд и социјална политика и Владата нема да си дозволат околу 350.000 вработени да останат на улица и да бидат социјална категорија, на социјална помош. Тоа нема да може да си го дозволат ниту државата, ниту самото стопанство.
Ребека Спасова М-Нет