
Над 5.000 работодавачи им немаат исплатено плата на своите работници за август, а уште толку немаат поднесено ниту пресметки за плата. Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, вели дека иако има и добри примери, сепак оневозможувањето на правото на плата продолжува да се согледува во пракса.
„Имаме повеќе контроли направено заедно со Државниот инспекторат за труд сѐ со цел да ги надминуваме ваквите појави. Секако дека постојат и работодавачи коишто се доста дисциплирани и коишто се за работниците. Меѓутоа, имаме и сосем спротивни примери. Денес можам да кажам дека со податоците коишто ги имаме од 5 октомври, скоро 5.000 работодавачи сѐ уште немаат исплатено плата за август месец, додека исто толкав број работодавачи немаат воопшто и поднесено „МПИН“ пресметки за да исплатат плата на повеќе од 10.000 работници. Повторно се бориме со овие појави и мислам дека ќе успее да се надминат само со еден добар контролен механизам“, истакна Лукаревска.
Од друга страна, пак, 95% од компаниите редовно ги сервисираат своите обврски. Буџетот е во добра кондиција, вели Лукаревска, а со добри мерки нема да се дозволи да се наруши даночната дисциплина.
„Тоа што го имаме заклучно со крајот на месец септември, ние сме секаде над планот, и по основ на ДДВ, и по основ на персоналниот данок и по данокот на добивка. Сега засега буџетот е во добра кондиција, меѓутоа тоа не значи дека од една страна имаме високи цени, коишто исто така го зголемуваат процентот на успешна наплата на ДДВ, во постојан контакт сме со компаниите, 95% редовно ги сервисираат своите обврски кон нас“, додава Лукаревска.
За поминувањето плати помали од минималната преку системот на УЈП, Лукаревска вели, дека проблемот ќе се разгледа на повисоко ниво и ќе се пушти во Собрание.
Лаура Стојанова М-Нет