
Нова висока сметка за електирчна енергија доби ЈП Исар. Пет милиони денари треба да се издвојат за да се плати сметката за струја. Директорот на претпријатието Трајче Здравков, во телефонски разговор за М-Нет телевизија истакна дека ќе се најде начин како да се плати и оваа сметка, но потребна е помош од држвата, не само за штипското туку и за сите останати јавни претпријатија во државата.
„Согласно новите цени по киловат час за електрична енергија, сметките кај сите јавни претпријатија, односно и кај целиот јавен сектор се високи. Конкретно во ЈП Исар имаме сметка од околу пет милиони денари, но тоа е поради високата цена на киловат час која што ја плаќаме. Сето тоа придонесува сите јавни претпријатија, вкупно 90 во државата да добиваат високи сметки. Некои од нив добија и над 20 милиони денари сметки за струја. Ќе се плаќа на тој начин што со нашите оператори ќе бараме решенија за да ги сервисираме нашите сметки коишто доаѓаат за електрична енергија. Нема да дозволиме да ни се трупаат сметки“ – вели Здравков.

На прашањето дали граѓаните ќе почувствуваат на свој грб, односно дали високите сметки на струја на некој начин ќе се одразат кај нив, Здравков дециден, тоа нема да се случи.
„Апсолутно не, нема да има рестрикции. Општина Штип и ЈП Исар нема да дозволат граѓаните да исплаќаат за негрижата на институциите за да се реши оваа енергетска криза, да се помогне на претпријатијата како што тоа го прават соседните држави во регионот“ – додаде Здравков.
Висока сметка за електрична енергија доби и кочански Водовод, па да се заштеди на струја беше редуцирано уличното осветлување за 30%.
Лаура Стојанова М-Нет