Со манифестација и реализирани цели ДПД Кочани одбележа една година постоење

Доброволното противпожарно друштво Кочани денеска со пригодна манифестација и активности го одбележа своето едногодишно постоење. Работа на терен, вклучување во сите поголеми пожари во Кочани, но и регионот, набавка на ново противпожарно возило, како и донација на опрема се само дел од активностите по кои ќе се запамети првата година од неговото формирање.

„ДПД досега ги има остварено своите примарни цели кои си ги постави на почетокот на оваа година, а тоа е завршување на својот дом и набавка на едно противпожарно возило. Минатата недела успеавме да обезбедиме едно возило од Хрватска. Станува збор за возило кое е опремено со 2000 литри резервоар за вода и располага со два странични витлаза за гаснење пожар, резервоар за пенило.“ – кажа Илиев.

Во наредниот период се очекува да се набават уште неколку возила, но и да се зголеми бројот на волонтери кои ќе бидат членови на ова друштво.

„Активности за наредната година би биле набавка на уште две до три возила, две возила теренски. Работиме на еден поголем проект а тоа е изградба на еден поголем дом за доброволци кои со тенденција да прерасне во еден регионален ценатр за обука на Истокот.“ додаде Илиев.

Илиев додаде дека и во периодот кој следи ќе бидат активни како и до сега и ќе бидат присутни онаму каде што се најпотребни, бидејќи тоа е нивната главна цел.

Лаура Стојанова М-Нет