
Со нов кружен тек ќе се уреди крстосницата кај градската црква Свети Никола во Штип со цел поголема безбедност за граѓаните. Првиот човек на град Штип, Иван Јорданов, очекува градежните активности да започнат кон средината на месец август, а веќе во септември истите да бидат завршени. Тендерската постапка за избор на фирма веќе е завршена.
„Веќе е завршена тендерската постапка за избор на фирма која ќе го уредува овој дел, оваа соообраќајница, сѐ со цел поголема безбедност на учесниците во сообраќајот. Изведбата на овие активности очекувам да започнат некаде во средината од месец август и практично да завршат на почетокот на месец септември со што потегот, односно крстосницата кај црквата Свети Никола да се уреди со еден кружен тек и можност за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот“ – кажа Јорданов.
Според првичните информации, за овој проект ќе бидат потребни три до четири милиони денари, пари кои Општината ќе ги обезбеди од својот буџет, односно парите на граѓаните се враќаат назад кај граѓаните. Во зависност од потребата на поставување на асфалтна маса на овој потег ќе биде одредена и точната финансиска сума.
Инаку, на овој потег во претходниот период се работеше на уредување на тротоарските површини, како и поставување на бекатон плочи.
Лаура Стојанова М-Нет