Тешко пристапниот терен е пречка за велосипедската патека во Штип да се изгради во рокот

Тешко пристапниот терен и тенденцијата да не се оштети пешачката патека ја отежнуваат изградбата на велосипедската патека во Штип. Ова беше една од темите на кои се разговараше со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, во емисијата Зум анализа на М-Нет Телевизија. Градежните активности започнаа во месец мај и се предвидуваше истиот месец штипјани да добијат целосно изградена велосипедска патека. Меѓутоа, оние кои секојдневно спортуваат може да забележат дека и по два месеца, таму сѐ уште има градежни активности.

„Едниот дел е во завршна фаза. Останати се неколку премини коишто треба да бидат уредени. Во однос на вториот дел, станува збор за малку тежок и непристапен терен за работа, затоа што не сакаме да ја оштетиме постоечката пешачка патека. Не смеат да влезат тешки товарни возила, тешка механизација, и самите ископини, самото прилагодување на местото каде што треба да се асфалтира, мора да биде со помала механизација и сето тоа го одолговлекува периодот на реализација. Јас сум убеден дека до крајот на месецов, во почетокот на следниот месец истата ќе биде пуштена, затоа што веќе се финализираат активностите коишто се случуваат таму на терен“, истакна Јорданов.

За да не се доцни со изведбата на проектите Јорданов вели дека постојано се во комуникација со изведувачите и надзорот. Тие го утврдуваат квалитетот на изведбата, но и внимаваат да се запазат временските рокови.

Проектот предвидува велосипедска патека од Ново Село до населбата Балканска, а истата дополнително и ќе се осветли. Инвестицијата е во вредност од 10 милиони денари, пари од буџетот на Општина Штип. За дополнителните активности на патеката ќе се обезбедат нови финансиски средства од општинската сметка.

Ребека Спасова М-Неѕ