СДСМ: Јорданов троши народни пари за партиски вработувања О. Штип: СДСМ манипулира со јавноста

Градоначалникот на Општина Штип го користи Буџетот на општината како извор за задоволување на партиски интереси, обвинија денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Од таму со низа прашања до Јорданов, прашуваат колку ова ќе ги чини граѓаните, додека во градот не се собира сметот и нема абер од ветените проекти.
„Сведоци на неработењето и несп|особноста на актуелната локална самоуправа и безброј секојдневни проблеми на граѓаните кои се ставаат под тепих, градоначалникот одлучил да го користи буџетот на Општина Штип како извор за задоволување на партиските интереси на сметка на грбот на граѓаните. За таа цел го прашуваме Јорданов, дали е точно дека парите на граѓаните наместо за проекти, ги троши за ангажирање лица под договор на дело, за кои нема информација каков ангажмани имаат. Колкава е бројката на овие ангажирани лица и колку тие ги чинат граѓаните на месечно ниво? Во исто време кога во Штип не се собира сметот, кога нема асфалтирање на улици, изградби на нови градинки и училишта, кога нема абер од ветените прокети, дали Јорданов троши стотици илјади денари за спорни договори на дело ? Злоупотреба и трошење на народните пари за тесно партиски и лични интереси е крајно недомаќински и неодговорно.“

На ова од општината во писемно соопштение истакна дека станува збор за проект Проценка на данок на имот.

„Опозициската СДСМ свесно и со манипулации ја замајува јавноста. Во изминатиов полугодишен период, Локалната самоуправа не само што секојденвно е на терен, туку до сега има реализирано низа проекти за кои сведоци се токму граѓаните. Меѓутоа, клучното што треба да го знае јавноста е дека во општината беа наталожени нерешени предмети, за кои со години немало никакви побарувања, а за кое штета трпеше не само локалната самоуправа туку и граѓаните. Освен тоа Општина Штип ги информира граѓаните дека бројот на вработени во општината во моментот се намалува, споредбено со годините претходно кога драстично и без контрола се зголемуваше. Затоа, наместо да се занимава со ширење лаги и невистини, СДСМ да се посвети на анализа на своето неработење и извинување кон граѓаните за непродуктивно потрошениот мандат“ – напишаа од Општина Штип.

Лаура Стојанова М-Нет