Со конзервација на црква кај „Баргала“ НУ Завод и Музеј ја започна програмата за 2022 година

НУ Завод и Музеј Штип ја започнува реализацијата на програмата за 2022 година. Овој месец се спроведува проектот за конзервација на црквата кај античкиот град Баргала, која е истражувана и пред пет години. На оваа локација ќе се работи околу еден месец, а и во текот на следните месеци ќе се продолжи со процесот на конзервација.

„Наша прва задача со којашто ги отпочнавме работите оваа година е конзервација на црквата којашто се наоѓа пред влезот на главната порта од античкиот град Баргала. Во моментов работиме на конзервација на нартексот од црквата. Поголем дел е конзервиран, конзервиран е едниот брод во внатрешноста. Пред пет години работевме на неистражениот дел на нартексот од оваа црква, така што оваа година го добивме проектот каде што треба да ја конзервираме. Значи, ќе се конзервираат надворешните ѕидови и подот којшто е карактеристичен и е направен со тули, меѓутоа во еден интересен опус и затоа одлучивме две фази да се прикажат од оваа црква“, истакна Митко Штерјов, директор на НУ Завод и Музеј Штип.

Главно, оваа година проектите се од областа на заштитата, па следен проект на којшто ќе се работи е конзервација на Владетелската палата на археолошкиот локалитет „Билазора“ во Свети Николе. Дел од програмата се и изготвување на проекти за локалитетот „Баргала“, но и повеќе ликовни изложби.

„Ние долги години се подготвувавме, се собираше документација, се изготви проектот и оваа година ќе започеме да работиме на овој локалитет, којшто, навистина, е од големо значење не само за нашиот регион како Штип и Свети Николе и оние градови кои се по наша надлежност, туку и во пошироки рамки овој локалитет заслужува да го добие своето значење, па да може да се презентира. Тоа е локалитет којшто е од третиот и четвртиот век п.н.е., долги години се истражуваше овде и, еве, оваа година конзервација. Се надеваме дека во понатамошните години ќе го конзервираме делот којшто е истражен, а каде ќе има и поголеми истражувања на овој локалитет“, додава Штерјов.

Потоа ќе следат и неколку археолошки истражувања, меѓу кои се истражувањата на локалитетот „Чука“ на езерото Мантово и на доцноантичката тврдина „Калузлија“ којашто се наоѓа во близина на градот „Баргала“. Годинава ќе се изготвуваат и неколку проекти за конзервација од областите на музеологијата и историјата со кои ќе се конкурира за добивање на финансиски средства.

Ребека Спасова М-Нет