Изгоре магацин за детски играчки во близина на населба Три чешми во Штип

Речиси до темел изгоре магацин за детски изграчки во близина на приградската населба Три Чешми во Штип. Според првични информации од запалено ѓубре во близина на објектот, и брзината на ветерот огнот се проширил и кон објектот, по што за кратко време го зафатил и целиот објект. Останатите објекти со ладење се заштитуваат да не бидат зафатени од пламените јазли, а на теренн се противпожарните единици од Штип, Свети Николе и Кочани. Според командирот на ТППЕ Штип, Дарко Коцев, се прават големи напори за пожарот да биде ликвидиран и да не ги зафати околните објекти. Дојавата пристигнала во 12:35 часот и веднаш се излегло на терен.

„Првично добивме дојава за запалено ѓубре, но кога се наближивме видовме дека не е ѓубре туку огромен магацин. На лице место се излезени четири противпожарни возила со 15 пожарникари, а помош пристигна од Свети Николе и Кочани. Се надевам дека за брзо време пожарот ќе биде локализиран.“ – кажа Коцев.

Според очевидци кои беа на местото на настанот пожарот се случил многу брзо, виделе мал пламен, а потоа забележале дека гори цел објект.

Во пожарот нема жртви, причинета е само огромна материјална штета и истата дополнително ќе се утврдува.

Лаура Стојанова М-Нет